Младите и талентирани студенти на Институтот за дизајн и инженеринг на облека при Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје вчеравечер во просторите на Францускиот институт се претставија на изложбата „Новиот бран“ (Nouvelle Vague), како дел од циклусот ИН Витрини. Изложбата е во организација на Францускиот институт и ТМФ, а со отворањето се најавува Месецот на Франкофонијата и одбележувањето на 25-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Франција и Македонија. Снежното време не беше пречка да се наполни Француски институт со вљубеници на модата, кои дојдоа да ги видат креациите на студентите на ТМФ поставени во излогот. Под менторство на нивната професорка, реномираната креаторка Лидија Георгиева, студентите подготвија по една креација специјално за оваа изложба, на тема единството од мода и француски филм.
Поточно инспирација беше новиот бран во француската кинематографија, движење од крајот на 50-тите и почетокот на 60-тите години, кога беа претставени филмови со поинаков поглед кои ѝ противат на традицијата. Вчерашната изложба ја отвори амбасадор на Франција во Македонија, Кистијан Тимоние, а на публиката ѝ се обрати и професорката Георгиева. Дел од настанот беше и презентацијата на Даниела Ѓуровска, Ангела Доневска и Христина Христова, трите студентки кои со поддршка на Францускиот институт во септември престојуваа во Париз. Таму беа за бреме на Париската модна недела и ни раскажаа за нивните искуства и за модните средби што ги направиле во Париз.
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари