Со фотографката и дизајнерка Павлина Поповска се запознавме пред неколку години кога разговаравме за нејзината кариера во Лос Анџелес. После дипломата за моден дизајн на Академија Италијана во Скопје, Павлина заминала во Лос Анџелес каде што магистрирала фотографија на тамошниот кампус на Њујоршката филмска академија и подоцна имала повеќе фотографски ангажмани. Павлина одлучи да се врати во родната Македонија и сега тука работи како фотографка. Вниманието ни ја прилече нејзината нова модна фотосесија снимена во Владимирово.
-Фотосесијата ја нареков The Dark Age или Темната доба и идејата e да се прикаже девојка од историјата која ја губи својата моќ кога почнуваат да ѝ се случуваат лоши работи или суеверно кажано е проколната. Oбработени се неколку сценарија како што се: Седумте години несреќа, Магијата со Вретеното, Облакот над Глава, Бегство… Идејата и концептот за фотосесијата беше моја, а за стајлингот се погрижи дизајнерот Наталија Поповска која прекрасно ги вклопи нејзините дизајни во приказната. Моделот е Љупка Топаловска која успеа да ја долови потребната емоција и да ја направи приказната реалност. Наташа Умленска е одговорна за шминка и Радмила Зрлевска се погрижи за изгледот на косата. Сликавме во Владимирово каде има интересни места, зачувани стари работи кои според мене ја разбудуваат фантазијата и делуваат автентично – ни откри Павлина.
Нема коментари