Смелите девојки од улиците на големите модни центри и блогерките одамна наметнуваат трендови кршејќи ги строгите стилски правила. Па така, веќе не е табу комбинацијата на темносина или кафена со црна боја, спојот на неколку видови на шари и принтови, бели чорапи со црни чевли, длабоко деколте со голем шлиц, шорцеви во зима и друго. Меѓу нив е и правилото за кусите чорапи, кои се носат само со панталони и на боса нога. Но новите модни икони покажуваат дека чорапите до глужд може да се применат во елегантна и шик варијанта, врз хулахопки и со посвечени чевли.
Дел од нив ги комбинираат со кломпи, некои со салонки, а трети со куси чизмички , оставајќи намерно да надѕираат чорапите. Веќе неколку сезони позната е праксата на носење на сандали со чорапи, а во случајнов , инспирирани од идеите од модните писти, тие може да добијат и посфистицирана верзија, со посвечени сандали и чорапи.
Ова е додаток што им прилега на девојки со искрен и уникатен личен стил, кои не се модни жртви и кои знаат да ги износат парчињата. Па така воопто нема да биде чудно, ако една ваква девојка ја видите во молив здолниште, кошула и палтео, со чевли оксфордки и куси чорапи, или со миди здолниште , блузон и салонки споени со чорапчиња.
Голем дел од нив не се плашат да изберат бели спорски чорапи, кои најмногу доаѓаат в очи, а има и такви што се одлучуваат за шарени девојчешки модели. Ова е премногу смела варијатна за канцелариските и бизнис изданијата, а е добредојдена кај тие што сакаат преку својата облека да искажат став и желба за ослободување од строгите кодекси. Најчесто се носат еднобојни чорапи, кои наликуваат на класичните машки модели во црна, сива и темносина боја.
Нема коментари