Дизајнерката Росица Мршиќ со новата колекција Velvet за есен и зима 2018 година воведува романтичен и заводлив изглед на жените за овој период од годината. Таа ја развива својата идеја за оваа колекција инспирирана од парискиот шик и шарм во заводливата музика од албумот „Париз“ на Малколм Мекларен. Мекоста на силуетата, мазните текстури и клучните бои го одредуваат називот на оваа колекција.
Во нежните и меки форми користени за разиграна динамика е вметнат препознатливиот геометриски израз на дизајнерката за постигнување јасна и дефинирана силуета. Топлите виолетови и црвени тонови, бојата на лаванда и употребата на црната, белата и сивата боја додаваат суптилна деликатност на целосниот изглед. Дизајнерката употребува невообичаени плисирани структурни ткаенини, брокати, волнени и еко крзна за постигнување супериорна естетика на колекцијата.
Velvet е 20-та сезонска колекција на Росица Мршиќ со која таа продолжува да им се обраќа на оние жени кои претпочитаат автентичен дизајн со кој се нагласува индивидуалноста и се постигнува препознатлива субтилна уникатност. Фотографиите од оваа колекција се направени со македонската актерка Наташа Петровиќ.
Колекцијата е наменета за продажба на домашниот и странскиот пазар во студиото на Росица Мршиќ, во продавницата „Виа“ во Скопје, на онлајн продавницата на дизајнерката, и на други интернационални онлајн продавници.
VELVET Росица Мршиќ
Фотографија: LeMoi
Модел: Наташа Петровиќ
Шминка: Јована Коциќ
Чевли: Via Boutique
Локација: Македонска пошта
Нема коментари