Сабато де Сарно е новиот дизајнер на италијанската модна куќа Гучи, а во улогата на креативен директор прво претстави промотивни фотографии со накит, а вчера ја погледнавме и неговата прва модна ревија за куќата. Во рамките на Миланската модна недела ја прикажа колекцијата наречена Ancora („Повторно“), со која го најави новото поглавје на Гучи. Италијанецот Де Сарно со претходно работно искуство во Прада и Валентино, смета дека Гучи е многу италијански бренд со огромно наследство. „Италијански во изработката, италијански по вкус, и мислам дека го изгубивме тоа. Сакам да го вратам назад, „италијанството“ е дел од мојата приказна“, изјави дизајнерот. А новата приказна е во знакот на чисти линии и јасни силуети, елеганција и смиреност, многу поразлична од дизајните на неговиот претходник Алесандро Микеле. Де Сарно направи целосно ресетирање на брендот и прикажа нова визија која многумина сметаат дека е враќање на есенцијата на Гучи.
Нема коментари