Многу се ретки моментите кога е соодветно да носите за капа за пливање на црвениот килим. Единствена пригода што ќе ја оправдаме е ако го презентирате својот нaјнов филм наречен Aquaman. Така барем сметаше Амбер Херд која за премиерата на овој филм облече кутур-креација на „Валентино“, дополнета со капа за пливање од истиот материјал.
Во „Валентино“ минатата недела беше облечена и актерката Теса Томсон, која избра зелен долг фустан за премиерата на Creed II. Со овој вреќест крој на фустан лесно може да се погреши, но Теса има доволно став и карактер самоуверено да го износи.
Ова не важи за Рита Ора која етеричната и возбудлива креација на Ирис Ван Херпен успеала да ја направи баш неинтересна благодарение на лошиот стајлинг. Креацијата е направена да го следи движењето, па ветерот на настанот на кој што е фотографирана ѝ помогна во тоа креацијата да изгледа „жива“ и лелеава, што е единствената позовност. Но премногу грубиот градник, едноставните салонки и комплетниот стајлинг лошо ја следат визијата на Ван Херпен.
Ема Стоун е амбасадорка на модната куќа „Луј Витон“ и скоро секогаш на црвениот килим носи модели на оваа модна куќа. На вчерашните British Independent Film Awards одбра црвен мини фустан од ресорт колекцијата на LV, кој е едноставен, сладок и доста шик.
Дакота Џонсон како дел од жирито на филмскиот фестивал во Мароко прошета во неколку модни комбинација, највпечатлив ни беше овој фустан од haute couture колекцијата на „Живанши“.
Попи Делевин на гала настан на Националната галерија Викторија во Австралија, инаку австралиски пандан на Мет Гала, носеше сребрен фустан со изрези на Пол Василеф за Paolo Sebastian.
Малку и за момчињата што покажаа стил – Бредли Купер во комбинација на „Гучи“ и чевли од Кристијан Лубутан, Бен Вишоу во впечатлив костум со смели графити-шари од Александар Меквин, и Џон Красински во бордо костум од „Прада“.
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари