Покрај филмската критика, настаните од типот на „Златен глобус“ и „Оскар“ редовно ја окупираат и модната критика која особено во овој период на наградување ги одмерува стилските комбинации на познатите ѕвезди. Црвениот килим на вчерашното доделување на наградите „Златен глобус“ изгледаше како виножито, благодарение на колоритните тоалети што ѕвездите ги избраа таа вечер. Креациите во интензивни бои навистина се вратија на свечениот настан, а најмногу доминираше црвената во повеќе свои нијанси. Вообичаено се носеа фустани во црна боја, долги тоалети и креации украсени со светкави камчиња и кристали. Еве го нашиот избор на најдобро облечени, највпечатливите креации и тенденции, а на дното од овој преглед, ќе ги видите и најлошо облечените актерки на холивудскиот настан.
Кејт Бланшет
Австралиската актерка победи во категоријата најдобра драмска актерка, а победничка е и во категоријата најдобар изглед на црвениот килим. Кејт блесна во фустан од тантела со нагласен изрез на грбот од колекцијата на висока мода на Џорџо Армани, а стајлингот го надополни со oодлична фризура и накит од „Шопард“.
Лупита Нионго
Новата филмска ѕвезда, но и модна миленичка, Лупита изгледаше фантастично во овој свилен фустан од Ралф Лорен. Креацијата е со едноставна линија, но има драматичен момент во горниот дел благодарение на голите рамења и ракавите во облик на наметка. Чевлите се на Пол Ендрју и направени се специјално за Лупита.
Кери Вашингтон
Кери докажува дека само затоа што е бремена, не мора да значи дека не може да се најде на листата на најдобро облечени. Актерката изгледаше воодушевувачки во овој светло сив, скоро бел фустан од „Баленсијага“ украсен со брош и накит од Фред Лејтон.
Наоми Вотс
Еве како се носи сребрена боја на црвениот килим. Наоми сребрениот долг фустан од Том Форд го комбинираше со златен накит и клач-чанта.
Марго Роби
Оваа млада актерка го сврте вниманието со фустан на „Гучи“ со минималистички стил, но ефектен поради рабовите накитени со кристали и смарагдни камчиња.
Изглед за пофалба
Водителката Џилијана Рансик изгледаше гламурозно во овој бордо фустан од Лорена Сарбу, а добар впечаток оставија и Кејтлин Фицџералд во бебешко син фустан од Емилија Викстед, Елизабет Мос во креација на Џеј Мендел инспирирана од арт-деко стилот, како и Кејт Бекинсејл во сребрена тоалета од Зухаир Мурад.
Црвената хит на црвениот килим
Оваа боја царуваше на вчерашното доделување, а на црвениот килим видовме голем број црвени тоалети, како и фустани во кои црвената е помешана со виолетова или со црна боја. Па така, црвено носека Ејми Адамс (Валентино), Беренис Бежо, Џули Бовен (Каролина Херера) и Тејлор Свифт (Каролина Херера).
Црни фустани
Вообичаено на црвениот килим среќаваме повеќе верзии на црн фустан, овојпат фасцинираа Ема Робертс во креација на „Ланвин“, Џесика Частеин во модел на „Живанши“, Џулиана Маргулис во фустан со златна апликација на Ендрју Гн, а моден погодок имаше и Софија Вергара која носеше тоалета од Зак Посен.
Сребрен бран
Металик-фустаните и светкавите тоалети редовно се дел од модата на црвениот килим на доделувањата на релевантните филмски и телевизиски награди, а така беше вчера кога во сребрено се појавија Робин Рајт (Рим Акра), Мила Кунис („Гучи“) и Мишел Докери (Оскар де ла Рента).
Невообичаени комбинации
Храбриот стајлинг и непредвидливиот избор на облека за вакви настани може да биде комплетно промашување, но доколку се добро вклопени и адекватни за личноста што ги носи, тоа повлекува совршен изглед. Храброста им се исплатеше на Зое Дешанел (во светкава тоалета од Оскар де ла Рента со краток топ вметнат во фустанот), Ема Вотсон (црвен фустан/наметка со гол грб кој се носи врз црни панталони, дел од колекцијата на висока мода на „Диор“), како и на Зое Салдана која одлично го носеше овој прилично комплициран модел од Прабал Гурунг.
Дотерани трудници
Покрај Кери Вашингтон на црвениот килим видовме уште неколку трудници. Најмногу воодушеви Оливија Вајлд која носеше зелен светкав фустан од „Гучи“, пристојно изгледаше и Елза Патаки, сопругата на Лиам Хемсворд, додека Дру Баримур со овој фустан од Моник Лулие покриен со розеви и црвени цветови покажа дека треба да побара совет од бремените колешки во однос на стајлингот.
Зелено-сини тонови
Забележавме повеќе нијанси на сина и зелена боја, од светлите тонови до потемниот спектар на овие бои како тегет и смарагдно зелена. Еве ги комбинациите на Амбер Херд („Версаче“), Хелен Мирен (Џени Пекам), Тејлор Шилинг (Такун) и Рис Витерспун (Келвин Клајн).
Бели фустани со детали
Дали е тоа со помош на детали во друга боја, златна шара или 3Д-апликација, актерките избраа да ја разбијат белата боја, помалку или повеќе успешно. Џенифер Лоренс очекувано носеше модел од „Диор“ (бела тоалета обвиткана со два реда црна лента), едноставниот фустан на Рашида Џонс е украсен со златни палми, а Пола Патон стана предмет на потсмев поради белиот фустан со волуминозна апликација.
Најлошо облечени
Хајди Клум иако со години е во модниот бизнис, повторно се одлучи за непривлечен изглед и лош стајлинг. Нејзиниот фустан од „Маркеза“ не е толку катастрофален, колку што Хајди негде постојано греши. Меѓу најлошо облечените се најдоа и Кели Куоко со нападен балски фустан со цветен дезен од Рани Закем, Хејден Пенетиер со црно-белиот фустан без никаква форма од Том Форд, како и веројатно најлошиот изглед на вчерашниот настан – виолетовиот ужасен „матурски“ фустан на Обри Плаза!
Нема коментари