Популарниот десерт познат кај нас и како топло-ладно го обожаваме затоа што е вкусен и крие чоколадно изненадување внатре. Умешноста во подготвувањето на лава колачот е тој да се испече така што внатрешниот дел ќе остане течен, па кога ќе почнете да го јадете, во средината чоколадото ќе се разлее како лава. Звучи комплицирано, ама не е толку тешко за подготвување. Во следниов рецепт ако додадете црвена боја, ќе добиете црвен лава колач кој може да го подготвите за Денот на вљубените. Дозата е за две мали тортички.
Потребни се следниве состојки:
- 3 лажици брашно
- 1 лажица какао во прав
- малку сол
- 4 лажици несолен путер
- 45 гр чоколадо
- ½ чаша шеќер во прав
- 1 јајце
- 1 жолчка
- ½ лажичка екстракт од ванила
- 2 лажички црвена прехранбена боја
Подготовка:
1. Загрејте ја рерната на 220 степени и подгответе две модли или плех за печење мафини, така што ќе ги подмачкате со масло.
2. Во мал сад измешајте ги брашното, солта и какаото.
3. Стопете го путерот и во него додадете го чоколадото, и соединете ги на пареа или во микровална (на 15 секунди).
4.Во путерот со чоколадо додадете ги сувите состојки (шеќерот во прав, брашното и какаото), и мешајте да се соединат, а потоа додадете ги јајцето, жолчката, екстрактот од ванила и прехранбената боја
5.Добиената смеса поделете ја на два дела. Печете во рерна додека колачите не направат кора – 13-15 минути. Почекајте да се оладат откако ќе ги извадите од рерна, па отстранете ги од калапите. Украсете со шеќер во прав и сервирајте ги додека се топли.
Нема коментари