Деловните личности поседуваат едно модно парче кое е незаменливо во нивната гардероба – сакото. Деловниот изглед е првата работа што се забележува во корпоративниот свет, а сакото е основата на бизнис-имиџот и кај мажите и кај жените. Но, клучно е сакото да биде добро скроено, по можност направено по мерка и да ги задоволува следниве елементи – вистинска должина во долниот дел и на ракавите, соодветно струкирано, да одговара на рамениците. Гледајте да ги задоволите овие барања кога купувате сако, а во подобрите продавници ќе споделат совети како да одберете совршено скроено парче. Секако најдете и добар шнајдер кој вешто ќе направи поправки на вашата облека или ќе ви сошие сако по мерка.
Нема да погрешите со класичниот крој на сако и избегнувајте непотребни стилизирања околу крагните, додатоци како патенти и секакви метални апликации, нападни бои и шари. Задржете се на неутралните тонови како сива, тегет, црна, а доколку професионалниот дрескод дозволува, во потоплите месеци бирајте светлосиво или темнобеж сако. Мажите сакоата по боја ги спаруваат со панталоните за да добијат целосен изглед, а за полежерна, но сепак професионална варијанта ќе мешаат кафено сако со тегет панталони, сиво сако со црни панталони и слични комбинации. Жените имаат повеќе слобода во интерпретацијата на деловното сако, па можат да носат сако со панталони или здолништа, а и во бојата имаат поширока селекција. За нив добар избор е и трендовското карирано сако. Сепак, треба да ги избегнуваат крупните шари и интензивните бои, како и предимензионираните кроеви кои се доста популарни во уличната мода.
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари