Македонската манекенка Елена Реи продолжува да реди успеси на интернационално ниво и најново се појавува во моден едиторијал за американскиот Harper’s Bazaar, во приказната наречена „Кралица од Комо: кралски венчални изгледи за модерна невеста“. Таа позира покрај езерото Комо во Италија во 16 бајковидни тоалети од Вера Ванг, „Маркеза“, Каролина Херера, Алберта Ферети, „Валентино“ и во накит на брендот Forevermark. Фотогарфиите на овој едиторијал ги направи на Кристијан От.
-Ако го купите најновиот број на aмериканскиот Harper’s Bazaar ќе бидете дел од магијата која се случи неодамна на популарното езеро Комо во Италија, каде нашиот топ модел Елена Реи маестрално и доследно го представи специјалниот едиторијал за венчаници.Во период од пет дена каде присуствуваше и еден од главните уредници на магазинот, помеѓу најпознатите вили кои датираат уште од 1635 година како што се вила Олмо или вилата Карлота, Елена Реи божествено ги презентираше раскошните венчаници. Во самата кампања нашата Елена на моменти ни ја доловува грациозноста на Грејс Кели, или од друга страна пак беспрекорноста на италијанската принцеза Марија Габриела. Со ваков едиторијал за еден од најпрестижните модни списанија во светот, Елена Реи само го потврди своето место помеѓу врвните интернационални модели. Ваквите успеси на Елена се гордост за сите нас и воедно само потврда за она што го работиме – гордно ни изјави Алек Наумовски од нејзината матична агенција „Моделс ИН“ и ни откри дека Елена во моментов на кратко време престојува во Европа, но за неколку дена ангажманите ја носат во Сингапур и Токио.
Нема коментари