Култната уметница Фрида Кало е инспирација за новите марами на дизајнерката на накит и модни додатоци Маја Kузманоска. Колекцијата е наречена „Цвеќињата на Фрида“ (Frida’s Flowers), а содржи уникатни, рачно изработени марами, кај кои доминираат флоралните шари.
- Фрида Кало ја избрав за модел на жена која сакам да ми биде инспирација преку целата оваа година. Зошто токму Фрида? Таа како фигура е исклучителна, невообичаена, силна и моќна, полна надеж. Изворот на инспирација е нејзината самодоверба и страст кон животот; жена која не дозволила скршеното тело да ѝ го дефинира духот. Токму нејзината болест и траумите од незгодата ја приморува на креирање нејзин сопствен, уникатен иконски стил на облекување. Таа ја користи модата за насочување на физичката и емоционалната несигурност во изјави на моќ, наследство и убавина. Оттука моите марами се создадени за девојки и жени кои се самоуверени, моќни, вљубени во животот, оние кои со својата појава сакаат да остават уникатен печат- вели креативката Кузманоска, која по професија е професор по англиски јазик, а нејзино хоби е изработката на хеклан накит и додатоци.

Маја сними и фотосесија со својата ќерка за промоција на марамите
Новата колекцијата е замислена да се развива и дополнува цела оваа година. На марамите веќе им претходеше едно боемско ланче и истата ќе се надградува со накит и други додатоци.
-Што се однесува до изборот на материјали и бои – сите имаат цветни дезени и силни бои кои се карактеристични за облеката на Фрида, дополнети со пуфки, хеклани цвеќиња, декоративни ленти, винтиџ тантела, дрвени монисти…. Материјалите ги имам купено во Турција и Тунис. А неколку парчиња од текстилот ми се дел од винтиџ колекција на ткаенини кои ги поседувам – вели Маја, која e меѓу најзастапените македонски креативци на популарниот сајт за рачни изработки Etsy.
Марамите можат да се набават на новиот сајт за продажба на дизајанерски парчиња: http://the-little-treasures.com/marikas-closet.
За промоција на марамите, таа сними и фотосесија со својата ќерка, која редовно ја поддржува во креативниот процес.
1 коментар