Животот е неверојатно и возбудливо патување, кое секојдневно отвора нови хоризонти и носи нови предизвици. Се’ што треба е да ги прифатиме и да пробуваме нови нешта, можеби некои од нив ќе не’ доведат до нов извор на среќа. Филигранот сосема случајно донел нова енергија, креативност и возбуда во семејството на младата Нина Цекиќ. Иако е магистриран правник по Интелектуална сопственост, а по професија референт во позната туристичка агенција, таа наоѓа нов предизвик во изработка на современ накит со старата традиционална техника- филигранството. Нејзините креации првпат јавно ќе бидат изложени на третото издание на Fashion & Lifestyle Expo. В четврток (22 март), со почеток во 19.30 часот во холот на Македонската опера и балет ќе ја презентира својата приказна, под наслов „Патот до еден успешен производ од филигран“. Накиот ќе може да се погледне двата дена во МОБ.
-Благодарение на луѓето кои од самиот почеток ми помогнаа при креирање на првата маркетинг кампања на мојата фан страна на Facebook, едно утро седејќи на работа добив повик од Огнена од „Моментум“, која всушност дознала за Cekic Filigran преку социјалните мрежи:) Накратко ми ја објасни идејата за настанот. Без размислување одговорив позитивно за средба на која ги дефиниравме деталите за денес официјално да сум горда што ја прифатив поканата за учество.Ова е мое прво учество воопшто на настан од овој тип. Токму затоа сум пресреќна и возбудена, што токму моите први јавни искуства започнувам да ги градам на реномирани настани. Очекувам посетеност, очекувам луѓето да одвојат од своето слободно време и да уживаат во она што имаат да го понудат сите изведувачи-вели Нина.

Нина Цекиќ стои зад брендот Cekic Filigran
Преку „Патот до еден успешен производ од филигран“ таа ќе ја пренесе приказната за идејата и создавањето на Cekic Filigran, а ќе го презентира и процесот на изработка на еден производ од филигран. Во рамките на истото предавање, нејзината соработничка Елена Поповска ќе зборува за Филигранството во Македонија.
-Она што мене најмногу ме радува е што токму на овој прв јавен настан ќе ја лансирам новата – Karmen’scollection. Колекција чиј дизајн го нацрта мојата мајка, која и го носи името Кармен. Новата колекција е приказна во која преку накитот се изразува животниот циклус на еден човек: патиштата низ кои минуваме, успеси, падови, среќни и тажни моменти, љубов, семејство…. Доказ дека креативноста е секогаш инспирирана од животните ситуации на секој поединец, и секако доказ дека сето тоа може да биде изразено преку аксесоарите кои исто така се секојдневен момент од нашето дејствување. Едноставно, приказна преточена во модерен рачно изработен сребрен накит-вели таа.
Karmen’scollection е составена од прстени, и комплети со алки и обетки. Семејството и најблиските се прикажани во форма на круг во моделите, а од друга страна формата на прстените ги прикажуваат прегратките и љубовта. Колекција која е модерна, уникатна, а притоа со вистинска приказна зад себе во која буквално секој може да се пронајде. Сите модели се изработени од сребро, со техника филигран, и истите ексклузивно ќе бидат прикажани на презентацијата.
Освен оваа колекција на нејзиниот штанд посетителите ќе имаат можност да ја погледнат и колекцијата My precious на Елена Поповска, со која соработуваат уште од самиот почеток.

На Експото Нина ќе ја лансира новата – Karmen’s collection чиј дизајн го нацртала нејзината мајка, која и го носи името Кармен
Cekic Filigran е приказна која датира уште од 2013 година, но активно и јавно функционира во последнава година.
-Едно попладне мојот татко, кој по професија е реномиран хирург – оториноларинголог , се врати дома и радосен извика дека треба да прославиме за успешно завршен курс по филигран. Сите бевме во шок и неверување бидејки незнаевме дека воопшто посетува таков курс. Како минуваа месеците едноставно неможев да си поверувам како еден човек , доктор по професија,со премногу обврски и стресови во денот, го пронајде својот мир и простор за изразување на креативност токму во рачната израбока на накит со техника филигран. Верувајте ми нема ништо помотивирачки, нема оправдувања дека немаме слободно време, нема оправдувања дека сме презафатени – едноставно потребна е само желба, мотивација и макотрпна работа за да се постигне целта- раскажува Нина.
Во моментов освен што посетува курс за филигран во склоп на Занаетичиската комора во Скопје, учаи од својот татко и најважно има простор за изразување на своите идеите.
-По природа сум многу хиперактивна и многумина не веруваат дека токму јас започнав ова да го работам, а јас едноставно уживам и сум горда што се надминав себеси и докажав дека се се може, само ако се сака и верува во себе. Ова е мојот почеток во областа на дизајнот и модата. Сметам дека секој еден млад човек треба да има отворени хоризонти и да се пронајде себеси во она што го прави среќен без разлика на претходно искуство и образование. Секој почеток е специфичен, меѓутоа без работа нема напредок, а без труд нема остварена цел :) Секој може да креира свое сценарио во кое ќе биде свој херој и зад себе ќе остави успешна приказна.
Од друга страна, неможам да не ги спомнам моите најблиски – би рекла мојот тим кој стои зад делот мода и дизајн во Cekic Filigran:другар ми Стефан Николовски – познат моден фотограф – виновникот за фотосесиите кои направија вистински „boom” и внесоа модерен, совршен сегмент во моите колекции, и мојата најдобра другарка Емилија Тасеска – архитект по професија, која е мојата поддршка во секој сегмент од дизајните кои се застапени во моите маркетинг кампањи, вклучувајќи го и логото на Cekic Filigran. Секако, и мојата прва братучета Тања Антиќ која е моделот на прекрасните фотографии. Полека но сигурно мислам дека чекориме кон остварување на нашите цели-вели таа.
На прашањето како би го дефинирала својот стил на работаа Нина вели:
-За некои чудно можеби, но она што моментално не прави различни од останатите е приказната преточена во еден сребрен производ. Да бидеме искрени, никој неможе да измисли – народски кажано „топла вода“ во занает кој датира од многу одамна, меѓутоа следењето на модните трендови, уникатните детали и уникатната приказна се клучните моменти за успех и одвојување од останатите. Пример за претходно наведеното се фотосесиите на Стефан Николовски, со кои првично ја лансиравме идејата наречена Cekic Filigran, која се подготвуваше повеќе од 6 месеци. Од друга страна, согласно нашите клиенти, начинот на нашето пакување и жигот од восок во формата „C“ е исто така нешто уникатно што не одвојува од останатите. Стилот на работа би рекла дека е вкус на секој поединец и навистина е себично да се коментира.
Креациите се наменети за жени со различни вкусови, стилови и профили.
-Нашиот накит е наменет за сите што на било каков начин ќе се поврзе со нашите колекции. Генерално, треба да се напомене дека накитот од филигран е многу нежен накит кој не е за секоја пригода. E специфичен, посебен, уникатен накит кој дополнува одреден стил за одредена пригода, а не за секојдневно комбинирање. Моментално се трудиме да одговориме на сите типови на жени и девојки, и суптилно да Ви најавиме проширување на оваа целна група за многу кратко време -вели таа.
Во моментов нејзиното ателје односно работилница е сместена во домашни услови бидејќи тоа и го дозволува оваа професија. Но, активно соработуваа со Ателјето My PRECIOUS – на Елена Поповска, каде што можат да се погледнат моделите од досегашните колекции. Главно продажбата се врши онлајн на нашите социјални мрежи : https://www.facebook.com/pg/cekicfiligran и Инстаграм: @cekicfiligran Следејќи ги модерните трендови доставата (на територија на Скопје) и пакувањето на избраните производи е бесплатно, што претставува дополнително олеснување за секој клиент.
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари