Да, мајсторе! – веројатно ќе извика секоја жена кога пред очи ќе ѝ се најде парче од лондонскиот бренд Yes Master, еден од моментно најинтригантните, најсвежи и најмногу интернационално блогирани брендови за долна облека, чиј основач и дизајнер е Игор Пачемски-Џонс, чија дизајнерска и животна приказна покажува дека случајните работи не се случуваат сосем случајно.
Оставајќи го светот покус за своите иновации во науката, но за среќа на сите оние жени кои чезнеат по оргинална, „неочигледна” долна облека со став, Пачемски својот раскошен креативен потенцијал ќе го стави во служба на создавање дизајни во најсуптилната, најделикатна, најризична и за жените најверојатно најважната категорија – долната облека и костумите за капење.
Од хемија, преку банкарство, комерција и продажба на корсети од 2.000 фунти во култниот лондонски бутик „Коко де Мер” каде уредничката на Vogue се јавува за совет, (за него сите од ред вносни позиции), патот Пачемски сепак ќе го однесе на крајот кон она во што навистина ужива да го прави – материјализирање на сонот на една префинета, самосвесна жена со интелект која умее да го разбере суптилниот хумор и карактеристичниот ракопис на неговиот опус. А тоа е клиентела од Европа и Азија до Америка, во која има и многу звучни имиња: од Кира Најтли, Сиена Милер до Џеки Колинс и Парис Хилтон.
>>Како всушност започнува приказната за научникот кој се најде во “земјата на модата”?
- Екс-ју фанатизмот кон модата беше лесно префатлив како детска болест ако имавте братучеди, постари браќа/сестри или мајки (татковците беа хронично немодерни) кои се грижеа за својот надворешен изглед и следеа трендови. Во времето пред интернет, сателитската (кој ја имаше) беше единствен real-time контакт со западот и со трендовите, кои потоа беа проучувани и пронаоѓани во странските модни списанија и секако македонизирани во „Бенетон“, „Фард“, со потшивање и понекое обожувано и ценето парче донесено од странство. Модата беше еден брош на „вестернизација” кој со гордост го закачувавме на нашите ревери и не правеше различни од другите земји од Источна Европа. Индивидуалец како мене, со висока доза на ексцентризам можеше лесно да се препознае во овој културен hotch-potch или кармакашa.
>>За разлика од науката, за мода не се добива Нобелова награда, па сепак и покрај претпоставената блескава научна кариера се одлучивте за модата како животна определба. Па, што беше пресудно тука?
- Тоа едноставно беше посилно од мене. Сепак, јас од науката не се откажав и сум пресреќен што го одбрав токму тој пат кој ми дава еден степен на аналитичност многу повисока од луѓе со конвенционано дизајнерско образование. Дипломирав хемија со фокус на квантна механика, магистрирав физичка хемија на полимери и почнав и никогаш не го завршив докторатот по електро-хемија (селективна пермеабилност на електроди за спречување на интерференција на мочна киселина при ин виво мерење на слободна концентрација на гликоза во церебро спиналиен флуид). Иако сум доста креативен, во срцето сум „гик“, но исто така сметам дека фактот што знам да решам диференцијална равенка ме прави посебен.
>>Па сепак науката ја ставивте во функција на модата, дали според моментната состојба, денес модата генерално се движи во насока да се потпира повеќе на технологијата отколку на дизајнот?
- Не постои формула за рекреирање на магија. Фактот дека блузата поубаво ќе ви се пере, побрзо суши или дека ќе има стреч во две насоки може да возбуди само практичен Германец, а не вистински производен connoisseur. Значи, според мене, модата е чиста езотерија, магија и гламур и тоа науката, колку и да е битна, не може да го замени.
Од друга страна вашите дизајни се мошне проникливи, но и луцидни, и по форма и по изглед – ја познавате многу добро жената или е тоа поради вашиот сопствен уникатен поглед на светот?
- Обожувам жени. Им се восхитувам на силината, инвентивноста и на нивната можност со два удари од четка и малку свила комплетно да се трансформираат. Ги познавам доста добро и секогаш сум имал длабоки пријателства со дами од различни возрасти и различна демографска припадност. Сепак, иако жената „инстинктивно” ја консултирам, дизајните се дел од моето јас и се многу лични (во контекст на персонални, не на убави). Мислам дека токму тоа му дава силна лиричност на мојот дизајн и го доближува до женската емоција и сензибилитет.
>>Кои и од каде се Вашите инспирации имајќи предвид дека се тоа дизајни со силен концепт и колекции со секогаш одредена приказна?
- Од долгите периоди на day dreaming во светот на Игор што се одвиваат паралелно на што и да работам. Инспирацијата ми доаѓа во моменти што отмените Англичани би ги нарекле Тhe мost inopportune. На состанок, во црква, во таџи, во авион, во супермаркет, во романтични ситуации… Понекогаш дури имам и грижа на совест. Секогаш кога ќе нацртам колекција, моите најблиски прашуваат од каде па сега ова? Од која фиока на твојата фантазија ова го ископа. Одговорот секогаш е – Немам поим. Инспирација со цел може да се има само ако имате намера да копирате, а не да создадете. А тоа го одбегнувам по секоја цена.
>>Зошто токму долна облека, и колку беше тешко да се основа свој бренд?
- Отсекогаш мојот пристап кон долната облека бил микс на хорор (потсуќните и комбинезоните на дебелата газдарица на Том, откако ќе го види Џери и ќе се качи на столица: ТОМАС, ТОМАС), фасцинација кон забранетиот свет на trоussеаu-то на мајка ми и традиционалните материјали кои „Лисца“ ги користеше (жакарди, сатинирани ретро микрофибери) и комплетната опсесија дека во долна облека се прават „лоши работи”. Бев повикан на интервју во „Коко де Мер“. Сакав да работам нешто повеќе high end од тоа сто го работев. Шансата да се работи со Анита Родик (основачката на Body Shop) беше преголемо нешто да се испушти. Бев примен во комерцијална ролја и да ми кажевте тогаш дека ќе станам дизајнер со меѓународна репутација, ќе ви речев дека сте луд(а), глуп(а) или нереален(а). А за свој бренд да не зборуваме. Тоа беше нешто што се случува на други луѓе. Дел од тоа дете кое е засекогаш благодарно за шансата, вечно ќе биде дел од мене. Цврсто ми ги држи нозете на земјата.
>>Разликата помеѓу underwear и lingerie, што ве определува Вас?
- Во модерен парланс, underwear е практична секојдневна долна облека, а lingerie нешто по специјално, координирано, традиционално и има сенс на пригода. Underwear носи практична Американка, додека сензуална Французинка носи lingerie. Теоретски значат исто, но жената која носи underwear има фиока (drawer), а жената која носи lingerie има ковчег за чеиз (troussseau).
>>Долната облека е лимитирана дизајнерски од една страна од друга пак е многу изискувачка, ама бара и занаетска умешност. Како успеавте да ја апсолвирате оваа коплексност толку добро со оглед на тоа дека немате формално модно образование?
- Без да звучам како збрлавен новомакедонски верник , тоа е од Бога дадено. Без талент ништо не бива, но сепак, иако не сум поборник на она 10% талент, 90% работа (повеќе верувам во она „од вол не бива диригент”) абнормално голем процент од времето мислам и пристапувам на „практичниот” аспект на дизајнот како кон еден комплексен работен или научен проблем. Секогаш, тоа време минато во рационализација добро ми се исплатело.
>>Велат ако успееш во Њујорк ќе успееш секаде, но ако опстоиш во Лондон тогаш опстојуваш секаде. Вие не само што опстојавте туку сте и меѓународно успешен, постои ли универзална формула за успех или е тоа повеќе лична приказна?
- Многу точни се изјавите горе. Успехот на меѓународен план е брутален. Мојот успех е и доста инцидентен. Имаше икс причини кои ме натераа да се дадат 110% од себе кои можеби во подобра финансиска ситуација немаше да се случат. Едноставно, на моменти немав избор освен да продолжам. Универзалната формула е пари. За жал, има само одреден степен на демократија во модата и ретки се луѓето кои успеваат без куфери пари да се фрлат на проект. Другата универзална формула е упорноста со полна перспектива на вашите квалитети. Вербата во себе и еден коњски инает кој може да го има на пример еден олимпиец.
>>Што е најважно за успехот на еден дизајнер?
- Многу работа комбинирана со талент. Многу желба за успех. Тврда кожа бидејќи во овој бизнис почесто се слуша не, отколку да (само што немаме casting couch). Упорност, инает и можност да се гледа на некои работи од птичја перспектива.
>>Колку е долг и тежок патот од создавањето на еден бренд до негова меѓународна афирмација?
- Голгота. Станува збор за еден 7-10 годишен пат кој е толку трновит што кога ќе направите една ретроспектива, се чудите како сте уште живи, нормални (релативно) и како 200 пати до сега не сте избегале на пуст остров да тренирате тропски стаорци да играат кан-кан. Многу често ви се чини дека светот е против вас, но моментите на среќа се незамисливи во споредба со една конвенционална егзистенција.
>>Ваша проценка на моментната состојба на македонската модна сцена од Ваша перспектива и можностите за нејзина перспектива?
- За мала држава како нас да ги даде KTZ, Марјан Пејоски, Ристо Бимбиловски, Марко Митановски и Yes Master е неверојатен успех. За Југославија, веќе да не говориме. Роксанда Илинчиќ, Лара Бохинц се глобални имиња во луксузната мода. Ни една поголема сосетка на Балканот освен Грција тоа не го направила. Треба да бидеме горди. За жал, сè што успеало, тоа го направило далеку од дома.
Во Македонија ситуацијата е многу лоша. Модните училишта се слаби и многу често работат на „плати па клати” принципот кој одговара на „од вол до диригент“ концептот на мамини и татини медиокритети, фабриките работат на принцип на експлоатација, модни икони ала ЈЗЈ прават хорори, пеjачките, кои се главните конзументи на модата личат на трансвестити и нема пазар. И покрај сè, Македонките и Македонците изгледаат топ и секогаш со Мартин се чудиме како им поаѓа тоа од рака на тој стандард.
Во споредба со многу поголеми градови, Скопје има еден урбан, рафиниран, лежерен stealth стил на облекување кој е многу над реалните финансиски можности на популацијата, тука не зборам за сељанките од „Театро“.
Нешто што ми прави впечаток и што македонските дизајнери мора да го научат е дека прво се средува колекцијата, после се прави шоу од сам себе, а тука е обратно…Сепак, Лидија Георгиевска е одлична, Стефанија Насковска Попадинец свежа како свежо цеден сок од портокал на плус 30 и го сакам екс Ју-гламурот ала Мирјана Мариќ на Chic Undercowear и „Драма“.
По мој вкус се концептуалните „Лудус“ и Дафина Џепаровска, не само затоа што многу убаво си играме на Мадона во „Папaja“. Значи талент има, ама целата таа грдотија околу него малку го супресира.
Перспектива? Место имбецилни статуи на Аминта 3 (кој беше па тој сега) една здрава инвестиција во текстилот, од училишната клупа до фабриките како дел од националната стратегија до модниот печат. Ни требаат повеќе модни арбитри со педигре како еве, вие на пример, нели?
Нема коментари