По скоро децениска работа во модата најуспешната македонска манекенка најавува дека има уште многу што да направи. Ми рече „Моето време е сега! Ќе има уште многу од Катарина“. Дали следната нејзина адреса е Холивуд!? По минатогодишната главна улога во „Трето полувреме“ на Дарко Митревски, Катарина сериозно сака да му се посвети на актерството. Ја чекаат ли нови манекенски успеси!? Призна дека не се откажува од манекенството, има уште многу да работи во модата. Се гледа ли себе си како успешна жена!? Веројатно, бидејќи планира да развие и споствена модна линија.
Сме соработувале во различни фази од нејзината кариера и секогаш ги нагласува желбите, соновите, плановите, таа детерминираност да се успее што е исклучително важно да се биде на врвот во модниот бизнис. Откако победи на интернационалниот избор на Look Model Search и се радуваме на секој нареден успех, на првите модни ревии на светските модни недели, за соработката со големите дизајнери, првата поголема фотосесија за американски Elle со познатата Мануела Пависи… Следеа модни кампањи за D&G и „Валентино“, за парфемот „Дива“ на „Унгаро“ и за козметичкиот гигант „Лореал“. Носеше модели од високата мода во Париз, чекореше на ревиите на најпознатите светски дизајнерски имиња „Диор“, Дона Каран, „Селин“, Ели Саб, Вивиен Вествуд, Роберто Кавали… Се појави на страниците на интернационалните изданија на Vogue, Glamour, Vanity Fair, V Magazine… Кога пред неколку години ја прашав што сонува во однос на професијата, ми рече дека сака да работи за „Викторија сикрет“. По кусо време Катарина имаше соработка со познатиот бренд. Се чини дека секој сон е остварлив, па и оној за Холивуд!
Сево ова време е на релација Скопје-Њујорк, каде што и во моментов се наоѓа. Но кога ќе има следно снимање во Европа, ќе искористи пак да дојде во Скопје и да се види со сите драги луѓе. Претходно во Скопје престојувањше скоро три месеци.
-Секогаш кога сум дома времето многу брзо ми поминува. Секојдневно одам кај внуците од сестра ми, потоа вежбам, се дружам со другарките, одам на ручек со мајка ми и татко ми. И времето поминува…
>>Летово те видовме во рекламата на Левис. Кој беше твојот последен професионален ангажман?
-Снимав неколку каталози за Петар Хан, кои благодарение на брзата технологија можат сите да ги видат преку интернет.
>>Сe зборува дека ќе се насочиш на нов проект – сопствена модна колекција. Како ја замислуваш и како одат плановите за реализација?
-Сè уште е рано за да откривам детали околу ова. Да, идејата секако постои, но ветувам кога ќе започнам се реализација на истата ќе бидете навремено информирани.
>>Имаш ли пример меѓу манекенките во однос на тоа како некои од нив кариерата ја продолжиле како актерки, дизајнерки, фотографки…
-Повеќето светски манекенки остануваат во светот на модата и откако ќе заврши нивната кариера (или пак дел од нив богато се мажат, па немаат потреба да работат), но ретко имаат своја модна линија. Најчесто тоа се познатите поп-пејачки, на чии што ревии имам и учествувано, како на пример Џенифер Лопез и Гвен Стефани. Голем дел од манекенките се занимаваат со актерство, но не постои правило дека мора да останат во шоу-бизнисот. Немам конкретно некој role model на кој би се огледала, јас сакам се да испробам, а каде ќе заврши мојата кариера сè уште е рано да знам.
>>Иако твојата манекенска кариера не е завршена, планираш да се реализираш како дизајнерка, а пред две години влета во актерството. Како всушност се случи глумата и од оваа дистанца од една година по премиерата дали си задоволна со твојата дебитанска улога во „Трето полувреме“?
-Па исто како и во првиот момент, сè уште чувствувам возбуда околу целиот проект, односно околу актертсвото. Јас дадов сè од себе, а во тоа ми помогна поддршката од целокупната екипа. Заедно со Дарко, Роби, Верица, Сашко ги поставив темелите на мојата актерска кариера, и без нивна поддршка и помош не знам дали ќе успеев во тоа. Нормално имав трема, имам сè уште кога го гледам филмот, но сега од дистанца од една година, можам со сигурност да кажам дека сум задоволна, секако како од филмот, така и од својата улога.
>>Актерството е само епизода во твојот живот или нешто со што сериозно сакаш да се занимаваш?
-Модата е мојата прва љубов, мојот свет и засекогаш ќе остане така, а актерството е нешто што го работам со огромна љубов, како и сè друго. Откако ја добив понудата, и тоа понуда за главна женска улога во еден од најдобрите македонски филмови, знаев дека актерството ќе биде мојата нова љубов. Да, секако дека би сакала да продолжам да се занимавам со тоа. Сега во Њујорк имам во план да запишам часови по глума, и се надевам наскоро ќе заминам на некоја аудиција во Холивуд.
>>Значи сега по првата улога Холивуд ти се чини достижен? Реален? Остварлив?
-Да, моето мото е дека кога нешто навистина силно посакуваш, навистина треба да вложиш многу труд и истото може да се оствари, или како што вели Хорациј во својата „Арс поетика“, мал процент на талент, а останатото е работа. И кога навистина ќе го вложам максимално својот труд, Холивуд е блиску.
>>Една друга приказна што се наметнува кога е твојата манекенска професија во прашање е ангажманот за модниот гигант „Викторија сикрет“. Иако не стана ангел на „Викторија сикрет“, како што погрешно пишуваа повеќето медиуми, дали е остварување на сонот тоа што сними неколку фотосесии за брендот?
-После неколку години напорна работа и одење на кастинзи, им здосади на одговорните луѓе на „Викторија Сикрет” да ме одбиваат, па конечно ме ангажираа да сликам за нив. Снимав два пати до сега, и тоа првиот пат долна облека за интернет страната, а потоа сликав за главниот каталог за облека. Навистина е убаво да се работи за еден таков бренд и сум многу среќна што воопшто имав можност за соработувам со нив.
>>Се забележува дека во последниве години некако повеќе те има во кампањи за долна облека и костими за капење. По твој избор или едноставно си барана баш во тој сегмент?
-Повеќе би рекла дека тоа е работа на мојата агенција. Секоја манекенка може да има свој омилен дел во работата, дали тоа ќе биде одење по писта, или снимање на ТВ-реклама, снимање на каталог, но често не сме ние тие што одлучуваме. За тоа постојат агенции кои ја водат нашата кариера. Во мојот случај, клиентите за долна облека и костими за капење кои се јавиле во агенцијата барале токму девојка како мене, и секако откако агенцијата ги испратила фотографиите, тие ме избрале мене.
>>Скоро една деценија си во модата, сними доста модни кампањи за светски познати брендови, редовно те имаше на модните писти на модните недели, се фотографираше за светски познати списанија. На што ти лично си најмногу горда?
-Секако нема да го заборавам мојот прв настап на модна писта, односно првиот избор за убавина од каде што сè започна. Имав само 15 години кога победив на интернационалниот избор на Look model search, кој се одржуваше во Варшава, и навистина беше прекрасно чувство самото тоа што бев дел од толку големо шоу, а уште поголама возбудата кога бев прогласена за победник. После тоа сè се случуваше многу брзо. Веднаш заминав за Виена, па Њујорк, каде што и денес е мојата матична агенција Womеn Мanagement, следеа многу ревии, многу снимени кампањи, едиторијали, и секако секој ангажман ми е посебен на различен начин.
>>Колку си отворена за работа во Македонија? Односно, што треба да ти понудат за да учествуваш на пример во некоја кампања?
-Само нека ме побараат, па се ќе се договориме.
>>Се сеќаваш на почетоците во манекенството, на изборот на Look Model Search, на првата фотосесија за американски Elle, на првата ревија на Миланска модна недела во 2004 година… Веруваше ли тогаш дека ќе постигнеш толку многу и дека ќе станеш најпознатата македонска манекенка?
-Како што веќе спомнав, секако дека почетоците се нешто што никогаш не се заборава. Кога се пријавив на изборот воопшто не бев свесна што тоа значи, бев само едно девојче кое имаше многу шарм, па ете успеав да постигнам многу, но не завршувам тука, јас имам уште многу да работам, како во светот на модата, така и на полето на актерството. Моето време е сега, но ќе има уште од Катарина.
>>Колку си сменета од тогаш професионално, емотивно, мантално?
-Кога ја започнуваш кариерата уште од многу мал, како јас, некако пребрзо се впушташ во светот на возрасните кој твоите врсници го искусуваат чекор по чекор. Од друга страна пак, предноста е голема. Се осамостојуваш порано и си оформена личност која може да се грижи и да одржува дури цела фамилија. За моите блиски јас сум истата Кики. Се дружам со истите другарки од градинка, основно, средно. Секако многу луѓе сакаат да седат со мене, и јас го немам проблемот да се дружам со сите, но вистинската Кики ја знаат само најблиските.
>>Се каеш ли за некоја пропуштена можност во моделската кариера?
-Не, верувам дека се што сум можела сум направила, а на останатото допрва ќе работам.
>>Што најмногу носи пари во манекенството? Каде има највисоки хонорари?
-Тоа е најчесто во снимање на кампањи за големи брендови. Но секако сè зависи од тоа кој ве ангажира, колку ќе биде ангажманот, колку производи ќе се продуцираат, дали ќе биде спот за ТВ реклама, или пак и билборди, дали ќе биде каталог наменет за еден, две или неколку пазари. Има многу фактори кои влијаат на тоа колкав ќе биде хонорарот.
>>Бидејќи со години живееш на релација Скопје – Њујорк, кажи ни која е разликата во животот во овие два града? Каде ти е всушност „домот“?
-Дома ми е и во двата града. Во Њујорк сум секако професионално поангажирана, а во Скопје приватно поангажирана. Ги сакам и двата града, иако се целосно различни. Во Скопје сите се знаат, сè е некако поинтимно, а Њујорк е голем, навистина голем. Но не само Њујорк и Скопје, јас постојано се заљубувам во секој град кој ќе го посетам. Кога прв пат бев во Париз, реков тука ќе живеам, по потоа тоа го кажав за Лондон, па за Истанбул, па потоа отидов во Сао Паоло, Мексико Сити, Тајпеј. Многу сакам да патувам, па сум многу среќна што токму оваа професија ми го овозможи токму тоа. Нема ништо поубаво кога со љубов ја работите работата, и ги спојувате убавото и корисното.
>>Што всушност правиш кога си во Скопје? Како го минуваш времето, кои ти се омилени места, кои луѓе те прават среќна?
-Секогаш кога доаѓам во Скопје, од аеродром директно одам кај внуците Симон и Марко, па потоа се гледам со сите други. Обично порано доаѓав во Скопје многу поретко и седев пократко. Последниве две години доаѓам почесто, па имам многу повеќе време за да се видам со сите. Да се видам со сите мои драги луѓе, тоа ме исполнува и ме прави среќна.
>>Што би ги советувала девојките и момчињата што сакаат да се обидат да работат во странските модни агенции и да ја бркаат светската слава? Што треба да поседуваат за успех?
-Треба да имаат силна желба и да знаат во што се впуштаат. Треба цврсто да веруваат во себе, во своите квалитети, и да бидат истрајни, зашто ова не е лесна професија.
Нема коментари