Откако не успеала на пазарот да најде соодветна уникатна чанта во нејзин стил, пред три години професорката по филозофија Наташа Јакимовска одлучила самата да си изработи еден модел. Процесот ѝ се видел интересен и инспиративен, па не застаната на една чанта. Продолжила со втора и трета, прво за најблиските, а потоа нејзиното хоби прераснало во главна професионална преокупација и создавање на својот бренд Fabrika 13.
- Приказната со Fabrika 13 започна сосема спонтано, без никакви амбиции да прерасне во дејност која ќе ми биде секојдневна работна обврска. Првите чекори се случија уште при крајот на 2012 година, кога почнав да експериментирам за свои лични потреби. Желбата за креативна работа и позитивниот фидбек од пријателите ме охрабрија да продолжам да работам, но и да учам паралелно. Идејата која ме води цело време е да се обидам да понудам практичен производ што ќе биде опција за сите што сакаат да имаат моден додаток малку поинаков од стандардната понуда – ја почнува својата приказна Јакимовска.
Fabrika 13 е еден вид кованица од два збора, англискиот fabric (текстил) и македонскиот –фабрика, додека 13-та најмногу реферира на 2013 година, кога за прв пат се појавила во јавноста со своитепроизводи како дел од базарот за ракотворби во рамки на фестивалот „ДримОн“ во Струга, a исто така тогаш ја направила и фан-страницата.
- За мене лично, најзначајно е што Fabrika13 си доби своја публика и секојдневно добива нови пријатели, што во суштина е мојот водечки мотив за работа…Инаку, ова го работам како апсолутен аматер, бидејќи немам никакво образование поврзано со дизајн или со мода. По професија сум професорка по филозофија, а во оваа работа се потпирам на мојата креативност и естетика. Притоа, се обидувам да ги следам новите текови во дизајнот, изработката и особено во достапните материјали за работа, и делот од наученото го применувам во креирањето и создавањето на новите производи-вели Наташа на која моментално ова ѝ претставува главна окупација и најголем дел од денот ѝ е посветен на работата и на дизајнот и разработката на нови идеи.
На почетокот се фокусирала претежно на рачната изработка на чанти, а со текот на времето и со стекнатото искуство се охрабрила и почнала да изработува и по некој нов додаток, со цел да внесе разноликост во понудата. Има дизајнирано футроли за мобилен телефон, несесери, паричници, футроли за очила, а од неодамна и детските ранчиња. Во иднина планира да додаде уште некој новитет, веќе разработува повеќе идеи и дел од нив ќе бидат остварени. За изработка на моделите, генерално, користи текстил и често го комбинира со текстилни бои за цртање на мотивите.
-Експериментирањето со формите ми е секогаш предизвик, но и тоа е оправдано само доколку е функционално, нели. На почетокот повеќе ме привлекуваше идејата да направам чанти со несекојдневен изглед, но сега повеќе сум фокусирана на практичноста, зашто пред сè тоа е и намената на било кој моден додаток… Инспирацијата за моите модели ја наоѓам во луѓето, околината, уметностите, имагинацијата итн., така да и парчињата се за оние кои се пронаоѓаат во некоја од приказните или имаат сличен поглед на светот-вели таа.
Најголемиот дел од производите, спонтано, се наменети за женската популација, а во помал број има изработено и модели кои можат да ги носат и машки.
-Од неодамна направи мала серија од ранчиња намената за деца допет-шест години и особено ме радува што најдов начин да посветам внимание и на најмладите. Производите се наменети за сите луѓе со млад дух и со желба да имаат нешто оригинално и поинакво. Што се однесува до продажбата, генерално продавам преку фан страната на Fabrika 13, од време на време на базари, а детските ранчиња се достапни и во продавницата Bebe sling во Скопје. Минатата година ми беше исполнета со повеќе учества на базари и неколку фестивали, меѓу кои ќе ги споменам „Скопје креатива“ и Paratissima. Ваквите настани се одлична можност за промоција и остварување нови контакти, па, затоа се трудам да бидам повеќе присутна. Живиот контакт со луѓето и нивните реакции ми се дополнително охрабрување и инспирација за создавање нови парчиња. Од друга страна, сметам дека и луѓето имаат потреба да ме запознаат како личност со која би соработувале. За мене значајна е и соработката со музичарката Телемама со која создадовме колекција од 11 торби, секоја посветена на по една песна од нејзиниот деби-албум „Мис Слобода”. ..И оваа година планирам да ја посветам на учество на различни настани, зашто тие ми се најдобрата промоција и можност за натамошно зацврстување на Fabrika 13 меѓу луѓето. Најголем предизвик ми е да се обидам да ги направам моите дела подостапни на купувачите-вели таа на крајот.
Нема коментари