Во пресрет на новото издание на интернационалниот саем на современа уметност Паратисима Скопје, кој ќе се одржи од 15 до 17 јуни во Младинкиот културен центар, ќе претставиме дел од дизајнерите кои ќе бидат дел од програмата посветена на модата и дизајнот. Под кураторство на Драган Христов на Паратисима Скопје 2017 ќе изложуваат над 35 македонски и интернационални дизајнери, во продолжение прочитајте го информативниот прашалник со Милена Атансова од АТАМИ, Нина Ниневска, брендот Ксантика и дизајнерката Сара Реџиќ од Sari Gi.
-Има малку настани што ги вклучуваат уметноста и дизајнот под ист кров, а уште помалку се настаните што вплотувањето го прават успешно без никаква подреденост или предрасуда. Ако за уметниците, дизајнот бил применета уметност и порано се гледало на него со потценување иако, на пример, уметниците отсекогаш сакале да посетуваат модни настани, денес можеме да потврдиме дека тоа е сосема поинаку. Паратисима Скопје е настан кој во самата основа е инклузивен и дава простор на сите ентузијасти кои на некој начин се занимаваат со некаква креативност. Иако разликува категории во визуелните уметности и настрана од нив, категориите мода, модни додатоци и дизајн на производ, тоа е единствено за полесна организација и јасна комуникација со публиката. Оваа година Паратисима е уште поголем настан од минатата и вклучува над 35 македонски дизајнери кои во комбинација со странските имиња ќе го оправдаат интернационалнниот карактер на настанот. Годинава, отсекот на мода и дизајн да добие саемски и комерцијален карактер, каде секој изложувач ќе добие еднаков третман, а посетителот ќе добие веднаш јасна претстава за содржината во внимателно организираниот изложбен простор – изјави кураторот.
АТАМИ
Кратко инфо – Милена Атанасова, моден дизајнер за АТАМИ и костимограф. Дипломирав на Accademia Italiana, отсек моден дизајн.
Што го прави Вашиот бренд единствен, препознатлив, уникатен? По што се разликува од останатите? – Секој дизајнер има свој ракопис, техника и естетика. Во мојата работа може да се забележи геометријата и минималистичкиот пристап. Секогаш се трудам да раскажам приказна, моја, лична…
Зошто дизајнирате? Што најмногу сакате кај Вашата професија и дизајнот? – Затоа што ја сакам уметноста, секој нејзин медиум. Затоа што процесот на креирање подразбира трагање во себе. Затоа што е возбудливо и секогаш ново..
Каде се гледате по 10 години? Какви планови и очекувања имате за Вашиот бренд? – Очекувањата одат под рака со разочарувањата, затоа би рекла само дека луѓето ќе се препознаваат во мојот дизајн и ќе сакаат да го носат, сега, тогаш, секогаш. А после десет години, паа се надевам дека Македонија ќе биде културно и модно освестена земја!
Како се одвива Вашиот дизајнерски процес? Што сè е вклучено во Вашата работа како дизајнер? – Насмевки, солзи, постојано истражување, размислување, цртање, моделирање, кроење, пак насмевки, пак солзи, шиење, милиметри, сантиметри, бои, форми, сè во себе и надвор… и пак насмевки.
Зошто одлучивте да учествувате на Паратисима во отсекот мода и дизајн? – Затоа што Paratissima е интернационален фестивал и саем за уметност, затоа што ми се допаѓа тимот, затоа што е супер да се зберат толку убави луѓе на едно место!
НИНА НИНЕСКА
Инфо – Нина Нинеска, Факултет за ликовни уметности, Скопје, скулптор во класата на професор Стефан Маневски. Уште од студиски денови ја истражував геометријата, минималниот начин на ликовното изразување низ конструктивистичката скулптура. Обземена бев од идеологијата на конструктивизмот низ геометрискиот баланс и прецизноста на волуменот од празниот простор кој взаемно го претставуваат скулптуралното дело. Гејзерот од геометрија ме внесе во себе-запрашувањето низ ова проникнав во Светата Геометрија. Спроведов истражување низ петте основни геометриски солидни форми на Платон, Бардо-Тодол и метафизичкиот жаргон: Целава креација е последица од манифестација на свеста низ светлина, звук и геометрија. Истражувањето сè уште трае, а отпочна од пред шест години, од кое до сега произлегоа неколку проекти на самостојни изложби од кои неколку перформанс инсталации на отворен просор, колекција светилки и колекција на накит со која се претставувам на Паратисима.
Што го прави Вашиот бренд единствен, препознатлив, уникатен? По што се разликува од останатите? -Материјалот што го употребувам е нерѓосувачки челик кој има дополнителна трајна вредност со тоа што освен што не ја менува својата боја, не потемнува исто така има одлична способност да ја рефлектира светлината карактеристична само за овој материјал. Важно е што иноксот има одлична способност и е сигурен во допир со било кој тип на кожа. Уникатноста е тоа што секој облик има свое значење и со вклучување на свеста на битието што го носи има можност да ја унапреди својата емоционална интелегенција. Односно секој парче има свој идентитет кој го носи со себе со самото создавање и има способност да ја унапредува човековата свест. Овде следи да ја споменам пораката од Никола Тесла: Ако сакаш да ја спознаеш вистината за Универзумот, размислувај во насока на енергија, вибрација, фрекфенција. На пример: обетките Вода ја унапредува основната човекова вредност Мир (една од 5 основни човекови вредности). Конкретно кај оваа 2Д форма која произлегува од Геометриско тело – Икосаедар, во себе ја содржи вредноста: МИР, ја буди мудроста: КАКО ОГЛЕДАЛО, ја развива способноста: СВЕСНОСТ, а го влева гестот на СТАБИЛНОСТ.
Зошто дизајнирате? Што најмногу сакате кај Вашата професија и дизајнот? -Во областа на креативните индустрии, применетата уметност-дизајнот, често е нешто што се множи на повеќе од едно и има способност да се носи да се седи на него да се јаде со него да се украсува со него да свети и осветлува. Дизајнот е современ начин на креативно пренесување, претставување што ги носи со себе одредените правила и прописи на статика, етика однос со другото битие. Дизајнот го доживувам како отворен проток до поголема група на љубители на уметноста и поради ова освен уметност имам љубов да создавам и применета уметност.
Каде се гледате по 10 години? Какви планови и очекувања имате за Вашиот бренд? – Веќе сум во подготовки за неколку изложби надвор од Македонија, а исто така и во развој сум на својата електронска продавница која е цел да ги пласира производите и на странскиот пазар. За оваа се погрижив освен својот бренд Нина Нинеска да имаат можност и сите останати креативци кои имаат дела за размена да отворат своја продавница на платформата Модулар и да ги понудат својте дела како во Македонија така и во светот.
Како се одвива Вашиот дизајнерски процес? Што сè е вклучено во Вашата работа како дизајнер? -Контемплацијата и Медитацијата се во потполност вклучени во целиот процес на создавање. Овој начин на креација го практикувам едно 10 години. На почетокот правам минијатури од хартија или картон и ги пробувам парчињата на себе и пред сè гледам да ми се допаднат на мене. Многу често не влагам во продукција на дизајни кои мене помалку ми се допаѓаат, но клиентите ги бараат. Откако предлог дизајнот-прототипот помине на естетскиот тест и во себе ја содржи дозата на привлечност следи векторско исцртување и потоа ласерско сечење на нерѓосувачкиот челик. На крај секое парче накит рачно се доработува, шмиргла, полира, бруси, витка, а некои дизајни вклучуваат и дополнителна уникатност на рачното цртање и шмирглање.
Зошто одлучивте да учествувате на Паратисима во отсекот мода и дизајн? – Интерационалност и отвореноста на саемот дека секој има можност ја претстави својата креативност и да согледа во која линија се движи со својот креативен оган да размени искуства да стекне, иницира нови иновативни дизајни и сл.
КСАНТИКА
Инфо - Нашата слатка фирма се вика Ксантика. Изработуваме 100% природен производ , рачна изработка на даски за служење и сервирање од дрво со кретивен и уникатен дизајн. Во тимот сме Кристина Хаџиева и Далибор Тренчевски. Имаме стекнато искуство од нашето континуирано творештво како независни слободни уметници, дипломирани и двајцата на Факултетот за ликовни уметности, Скопје.
Што го прави Вашиот бренд единствен, препознатлив, уникатен? По што се разликува од останатите? -Го препознаваме секое парче дрво со кое работиме како неповторлив примерок од својот вид и го користиме тој момент да ја издвоиме и нагласиме неговата автентичност со нашата интервенција во формата, обликот, како и суптилноста на изработката односно степенот до кој е изработено. Исто така за нас е значајно што користиме исклучително само природни и органски производи за завршниот процес на дрвото, како што е природен пчелин восок и органски путер од кокос со кој ги премачкуваме нашите даски, тоа дава заштита и ја потенцира убавината на годовите, шарите на дрвото. Ова го прави нашиот производ сосема безбеден во допир за храна, а во исто време естетски уникатно, уметничко дело со практична примена.
Зошто дизајнирате? Што најмногу сакате кај Вашата професија и дизајнот? -Креативноста! Љубовта кон дрвото, мирисот на дрвото, ни будат континуирано порив за секојпат одново да се инволвираме во создавање, истражување…процесот ни дава сатисфакција, уживаме и се радуваме на секоја една изработка.
Каде се гледате по 10 години? Какви планови и очекувања имате за Вашиот бренд? – Зголемено производство-константни продажби како во Македонија така и интернационални, голема работилница со проширен распон за нас потребни алатки/како и зголемен репертоар на производи изработени од дрво.
Како се одвива Вашиот дизајнерски процес? Што сè е вклучено во Вашата работа како дизајнер? – Кога го имаме дрвотот пред себе, издвојуваме време и простор за да го осетиме и препознаеме кое решение ќе го блесне највпечатливо. Од како ја имаме основната идеја, проверуваме до кој степен дозволува дрвото интервенција. Почнуваме од основен цртеж во процесот на работа надоградуваме/обликуваме/исцртуваме според интуицијата наша, чувството за естетика, флексибилноста, вештината. Прилично жива динамика е целиот процес. Се грижиме и за крајниот процес до начинот на кој е испишан брендот на производот, и рекламата за истиот.
Зошто одлучивте да учествувате на Паратисима во отсекот мода и дизајн? – Се израдувавме што бевме поканети, решивме да учествуваме за да ги презентираме нашите производи на нашите досегашни и идни купувачи, секојпат имаме нови модели за прикажување. Како и за остварување на можни идни соработки, и за мотивирање на младите луѓе да ја активираат својата енергија во создавање свој производ , да се зголмат и растат малите креативни бизниси бидејќи се значајни и навистина посебни. Кога сме повеќе производители од ваков калибар свеста и кај купувачите ќе се прошири, квалитетот, креативноста, уникатноста ќе ни го збогатат социјалниот живот како и заштита и љубов за природата/ малите бизниси не се опасни и не прават штета на еко системот, напротив најчесто се инспирирани да создаваат од природните ресурси.
САРА РЕЏИЌ
Инфо - Сара Реџиќ, моден дизајнер во ателјето „Сари џи“ (Sari Gi).
Зошто дизајнирате? Што најмногу сакате кај Вашата професија и дизајнот? – Секој дизајнер со својот стил е уникатен. Јас се трудам на моите дизајни да им додадам елементи по кои ќе се разликуваат. Користам техники на плетење, везење, рачно изработени додатоци кои се мој печат на секое парче. Моето атеље егзистира повеќе од шест години, големиот број задоволни клиенти укажува на тоа дека мојот бренд е единствен, препознатлив и уникатен. Дизајнирам бидејќи тоа ме исполнува. На тој начин ја трансформирам мојата креативна енергија во уникатно парче облека.
Каде се гледате по 10 години? Какви планови и очекувања имате за Вашиот бренд? -Јас сум непоправлив оптимист, почнав од нула, сега веќе се наоѓам некаде… Веќе постои добар круг на луѓе кои го препознаваат и сакаат мојот начин на работа. Моите планови за иднината се работа и секојдневно надградување на „Сари џи“. А се надевам дека еден ден моето мало атеље ќе стане широко познат бренд.
Како се одвива Вашиот дизајнерски процес? Што сè е вклучено во Вашата работа како дизајнер? – Мојот дизајнерски процес ги опфаќа сите фази, од првобитната идеја, па сè до финален производ. Тоа подразбира многу труд, идеја, пронаоѓање на соодветен материјал, кроење, шиење, додавање на везени или плетени детали и на крајот кога изработеното ќе се најде на мојата кукла, седам и се самокритикувам или пак се воодушевувам.
Зошто одлучивте да учествувате на Паратисима во отсекот мода и дизајн? -Мислам дека Паратисима е вистинското место кое ги подржува креативните луѓе во нивната работа, можеби и ги насочува кон уште подобро, па со самото тоа ќе ми биде чест да се појавам на овој настан да го испромовирам мојот бренд. Паратисима за мене ќе биде едно ново искуство и се надевам уште еден чекор напред.
Нема коментари