Секоја нова сезона најавува нова ит-чанта која инстантно ќе стане хит кај сите модни трендсетерки. На модните блогови и на Инстаграм фаворит за овој месец е чантата Pierce Bag од есенската колекција на ирскиот дизајнер J.W. Anderson. Има класичен облик, но со непредвидлив детаљ во предниот дел во облик на два големи отвори низ кои е провлечен златен обрач, што наликува на пирсинг. Оттаму веројатно и името на чантата Pierce. Овој модел доаѓа во разни бои и финиши и се претпоставува дека ќе биде еден од најбараните модели на чанти оваа есен. Таа веќе е дел од стилот на Сузи Лау (Susie Bubble), Џули Сарињана (Sincerely Jules) и на стилистката Пернил Тајсбек. Според дизајнерот Џонатан Андерсон оваа чанта го носи ДНК-то на брендот J.W. Anderson, и ја слави идејата дека некое модно парче може да биде дамско и рафинирано, но истовремено смело и младешко – дуалност која е сржта на философијата на брендот.
Нема коментари