Дизајнерката Данијела Симоновска последниве години е во Берлин каде што на тамошната филијала на париската модна школа ЕСМОД магистрира на тема поврзана со одржлива мода, нешто што продолжува да го окупира нејзиниот професионален креативен свет и денес. Таа е дипломец на Факултет за текстилна технологија во Загреб, потоа претстави неколку колекции во Скопје, имаше ангажман на дизајнер во некогашната луксузна модна куќа „Систина“, застана на чело на Македонска модна формација, а беше и уметнички директор на првите изданија на Моден викенд-Скопје. Сега Берлин, за кој вели дека е екстремно авангарден град, како место за живеење и делување сосема се погоди за континуирано развивање на нејзиниот авангарден израз.
Како дел од нејзината професија како моден консултант со фокус на одржлива еко мода дизајнерката го сработи новиот проект СО-ЈУЗ (SO-USE) под чие име го сработи прототип проектот THE PAST HAS A FUTURE (Минатото има иднина), спој на неколку креации кои ги претставува не како класична колекција која ќе се произведува сериски, туку како парчиња облека кои понатаму посочуваат на применливи стратегии во креирањето на етичка и еколошка мода. Инспирирано од минатото, иднината и работите што трајат, во проектот претставува креации со реупотреба на стари парчиња и материјали, рециклирање, облека од органски памук и волна, пренаменување на стара облека, кроење со минимален отпад на ткаенината, сè во духот на #sousefashion #conciousfashion #ecofashion #zerowaste #greenfashion #fairfashion #сојуз #sustainablefashion #slowfashion #sustainablestyle #upcycling #consciousfashion.
На покана на германското Федерално министерство за економска соработка и развој (БМЗ) дел од овие модели ќе бидат презентирани на годишниот прием на министерот, д-р Герд Милер, кој ќе се одржи на 23 јануари во рамките на саемот Зелена недела во Берлин. Оваа година тие се фокусираат на фер производство и фер шопинг под мотото „Мојот шопинг е фер” а идејата е: Не е важно кој си ти – важно е да си фер, мислејќи на фер продуцирана облека што подразбира да нема присилна работа, да нема дискриминација, да нема работа на деца, да има слобода на здружување на работниците, да има законски гарантирани плати, да има регулирани работни часови, да има пристојни услови за работа и да има регулирани вработувања.
Со Данијела зборувавме за новиот проект и нејзините заложби за фер, етичка и еко мода, а таа ни ја откри фотосесијата што пред неколку бруталистички зданија во Скопје ја сработи со германскиот фотограф Бенџамин Тафел и макодонската манекенка Мартина Марковска.
>>Подолго време престојуваш и работиш во Берлин, по магистерската на ЕСМОД, колекцијата Imperfection, презентирањето на Берлинската модна недела, сега го најавуваш новиот проектСО-ЈУЗ, за што поточно станува збор?
-СО-ЈУЗ обезбедува консултантски услуги и стратешко советување во областа на текстилната и модната индустрија и нуди поддршка во процесите на преземање на соодветни мерки да се заштити иднината и животната средина и да се влијае на подобрување на условите за работа на работниците во целиот синџир на снабдување во текстилната индустрија. Воедно СО-ЈУЗ нуди поддршка во воспоставување на иновативно производство и етички базирани практики при креирање на парчиња облека и модни линии.
>>Што се крие зад името СО-ЈУЗ (SO-USE), се чини наведува на терминот сојуз, ама и на поинаква реупотреба на модата…
-Именувањето е лингвистичка транскреација, односно јазична мешавина од именката СОЈУЗ како обединување, единство, приклучување, спојување или фузија и англиското SO USE кое пак има ист изговор како СОЈУЗ. Јазичнита мешавина од двете ја одразува бизнис филозофијата и го спојува идеите на “eдинство” и “употреба”.
СО-ЈУЗ стреми да работи со бизнис секторот, граѓанските организации, креативните здруженија, локалната власт, организации на работодавачи, синдикати, меѓународни организации, проекти и поединци со цел креирање на партнерства базирани на етичките, економските, социолошките и еколошките принципи.
>>За проектот THE PAST HAS A FUTURE се инспирира од брутализмот карактеристичен за Скопје и кој е скоро уништен и заменет со нов изглед. Од каде таков поттик?
-Поточно, проектот како и бизнис идејата позади СО-ЈУЗ пред сè го негуваат Титовиот пионерски дух и наратив, и во релација со бруталистичката архитектура на Скопје и импресивните бетонски структури кои сèуште траат ја опфаќа естетиката која евоцира чувство на „создаден или изграден за да трае”.
Бидејќи сум родена во бивша Југославија, одредени слогани се трајно врежани во мојата потсвест. Пораснав со идеологија која пионерите ги потикнуваше да бидат искрени, храбри, прогресивни и работливи, да придонесуваат во општеството и да ја заштитуваат животната средина, да бидат дел од изградбата на подобра иднина. Бруталистичката архитектура на Скопје, град каде што израснав и импресивните зданија како Главната пошта, Студентскиот дом „Гоце Делчев”, Универзитет Св. Кирил и Методиј, Средното медицинско училиште, Хидрометоролошкиот завод или Архивот и ден денес пркосат со својата импозантност и прогресивната мисла, а воедно му пркосат и на неодамнешниот проект за Скопје во кој ќе препознаете шизофреничен наратив, во кој има сè, си дозволува сè, но кој нема јасна мисла и нема идентитет и далеку е од тоа дека истиот ќе трае.
>>Од што се состои колекцијата?
-Колекцијата е изработена од етички и еколошки произведени ткаенини како и со примена на методот на upcycling-трансформирање на старите материјали во нови производи со нов живот и нова вредност. Воедно обработува и постоечка облека и додатоци, а и користи остатоци од текстилната индустријата со цел да понуди решенија за редуцирањето на потенцијалнот отпад како и користењето на материјалите кои можеме да ги најдеме околку нас. При изработката се водев по начелaта Reduce, Reuse, Recycle, Refaschioning и стремeв да покажам дека и минимални потези се доволни на една колекција да ѝ дадат поинаква вредност.
>>Подготви и фотосесија во Скопје, со кога соработуваше на реализацијата?
-Работев со младата моделка Мартина Марковска која покажа неверојатна професионалност и истрајност дури и на температури под нулата, со Дарко Мишовски кој ја подготви шминката и фризурата за фотосесијата и со Бенџамин Тафел, фотограф и мој соработник од Берлин.
>>Со Демна Гвасалија и Гоша Рубчински во светската мода провејува една референца на пост-советска Русија, мода од источниот блок, дали и во твојата нова работа има влијание од тој стил?
-И двајцата се навраќаат наназад играјќи вешто со естетика која можеме лесно да ја препознаеме и кај некој наш, сега непостоечки текстилен гигант од времето на социјализмот. Но, тоа што ми се допаѓа е дека тие успеаа да повлечат по себе еден нов бран, бран кој ја растресе модната сцена и ја врати уличната мода на сцената.
Мојата работа од друга страна како што кажав предходно го негува пионерскиот дух и наратив, но ставајќи го во релација со бизнис идејата, бидејќи јас лично не стремам кон производство на мои колекции, туку преку парчињата облека кои ги продуцирам посочувам на применливи стратегии во креирањето на етичка и еколошка мода како консултант кога станува збор за развивање на колекции.
Нема коментари