Деновиве беше откриена темата на следната модна изложба во Институтот за костуми при музејот Метрополитен во Њујорк и на спектакуларната Мет Гала што ќе се одржи во првиот понеделник во месец мај во 2019 година – Camp: Notes of Fashion (Камп: Белешки за модата). Но што точно претставува „камп“ и што значи „камп“ концепт?! Терминот го воведува писателката Сузан Сонтаг во еден свој есеј во 1964 година и значи љубов кон театралност, нешто што е неприродно и преувеличано. Понатаму во модна смисла претставува намерно претерување и драматичност во стилот, обично за хумористичен ефект. Според Ендрју Болтон, главниот куратор на Институтот за костуми, темата значи љубов кон артифициелност, ироничност, гротеска, пародија, екстравагантност, мешавина на уметности, нешто што може да се забележи и во колекциите на Алесандро Микеле за „Гучи“. Затоа Микеле, заедно со Лејди Гага, Хери Стајлс и Серена Вилијамс ќе бидат домаќини на следната Мет Гала. Тие ќе им се придружат на Болтон и на Ана Винтур од Vogue во конципирањето и организирањето на еден од најважните модни настани во светот.
-Поминуваме низ еден екстремен „камп“ момент. Почувствував дека е релевантно да се почне дијалог за она што често се отфрла како празна фриволност, но може да биде всушност многу софистицирана и моќна политичка алатка, особено за маргинализираните култури – изјави Болтон за „Њујорк тајмс“ и објаснува дека зборот „камп“ е изведен од францускиот глагол se camper, што значи претерана поза и како термин се употребувал во времето на Луј XIV. Според Болтон „Камп“ има и кај Марк Џејкобс и Ив Сен Лоран, во стиловите на Шер и Елтон Џон, „камп“ е „Москино“ и Галијано, Демна Гвасалија и Вирџил Абло, Доналд Трамп и поп музката, и многу други современи феномени… А за тоа како би требало да изгледаат ѕвездите на следната Мет Гала, Болтон вели: „Панделка која е претерано голема, премногу предуви и шљокици…“.
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари