Модата во време на корона се сведе на носење – тренерки!
Според ситуацијата во која се наоѓаме, удобната облека е еден од приоритетите на живот дома, а домашните изданија некако како да не можат да се замислат без носење меки тренерки. Тренерките никогаш не биле силен стилски израз, освен за спортски пригоди, на носењето на тренерки секогаш се гледало со потсмев. Сепак, тренерките, заедно со удобните маици, хеланките и дуксерите се логичен избор овој период. И не само што се логичен избор за комфор, туку и станаа тренди модно парче во кое се фотографираат најголемите модни авторитети. Модно парче кое се носи по дома, ама е и опција за улична мода, се носи како комплет, одделно само долниот дел, распар комплети во однос на боја и во вид на тренерки со тај-дај ефект, како една од главните тенденции.
Своеврено дизајнерот Карл Лагерфелд, често дрзок во своите ставови, изјави: „Тренерките се знак на пораз. Сте ја изгубиле контролата врз вашиот живот, па затоа сте купиле тренерки“. Но, периодов толку многу ги променивме животните навики, па и ставови, што голем дел од луѓето од светот на модата и славните личности колективно ќе почнат да носат тренерки и ќе ги направат крајно модерни. И ќе ги носат не само за до продавница, или во теретана, туку во сите можни прилики. Дека времињата се менуваат, зборува и фактот што познатата модна уредничка Ана Винтур, која имаше изјавено дека никогаш не би облекла тренерки, сега додека е во самоизолација на својот имот, замислете си, носи тренерки.
Се предвидува дека и посткарантинската мода ќе биде во знакот на тренерките, особено се тренди сивите долни парчиња и ќе се носат во секоја пригода и во секој дел од денот. Само внимавајте, некои од стилските ѕвезди ги комбинираат со сандали и високи потпетици, треба многу модно познавање и силен личен стил за да се „износи“ ваквата комбинација. Тенка е линијата меѓу стилски и дромски изглед…
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрени на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари