Во чекор со потребите на современата жена, која поради брзиот начин на живот брзо се транформира од една во друга улога, што значи и од еден во друг аутфит, модните куќи ги создаваат новите колекции кои се хибрид меѓу елеганцијата и комфорот. Се обидуваат во едно да ги спојат удобноста, квалитетот, отменоста и актуелноста. Тоа посебно се виде со навраќањето кон удобнитеобувки, во кои жената ќе помине цел ден и притоа ќе биде соодветно облечена за секоја од пригодите. Така, во тренд се вратија балетанките, ниските чизми, па патиките, следуваа мокасинките, па дури и влечките.
Во колекциите за есен-зима 2016/17 на светските модни куќи беше направен чекор напред, со прилагодување на потпетиците на брзиот чекор на модерната жена и нивно намалување на само два до три сантими. Елеганцијата и деловниот изглед не беа нарушени со пониските потпетици, туку е направена само поудобна варијанта на постоечките свечени или отмени чевли. Тие се со заоблен или благо шпицаст врв, а потпетицата е танка, но може да биде и коцкаста.
Посериозен пристап и поширока понуда на чевли со ниски потпетици има во линиите за претстојните пролет-лето 2017. Овие дизајни, кои можеби потсетуваат на модата од 90-тите години веќе најдоа свое место и во учичната мода, и меѓу трендсетерките и блогерките. Тие покажаа дека чевлите со ниски потпетици истовремено нудат женствен изглед, но и удобност, како балетанките или рамните обувки. Може да се носат со сите деловни комбинации, како и во кежуал изданија и со фармерки, а одлично се вклопуваат и во вечерните комбинации.
Нема коментари